Здравјето како право и како услуга
Голем број на луѓе го гледаат здравјето изолирано т.е. ако немаат блага кашлица или температура сметаат дека се здрави, иако огромна улога во здравствената кондиција имаат и голем број на детерминанти како: мир, дом, социјална сигурност, храната, приходите итн. Прилог во насока на ваквото гледиште е и дефиницијата на Светската Здравствена Организација според која здравјето претставува „потполна физичка, психичка и материјална благосостојба, а не само отсуство на болест”. Тоа, здравјето, треба да биде императив на здравствениот систем. Ако мерилото е бројот на измени во законите за здравство, тогаш може да се дојде до заклучокот дека грижата за здравјето во Македонија во последниот четврт век навистина бил императив. Ама, не е така. Бројот на измени не гарантира сам по себе ништо, вклучително и тоа дека ќе има зголемен квалитет на здравствените услуги, а преку тоа и дека ќе се придонесе кон подобрување на здравјето на луѓето.
Иако едноставно е недоволно, поради претходно кажаното, за севкупната состојба со здравствениот систем и за правата на пациентите да се заклучува само врз основа на правната регулатива која се однесува на тоа, несомнено е од друга страна дека правната регулација не може да се игнорира ниту пак да се потценува. Затоа, во оваа студија ќе се осврнеме на правната регулатива која се однесува на правата на пациентите и на измените на законите преку кои овие права се променуваа, во позитивна, но и во негативна насока. Конкретно, предмет на анализа ќе бидат следниве закони:
– Закон за здравствена заштита
– Закон за здравствено осигурување
– Закон за доброволно здравствено осигурување
– Закон за заштита на правата на пациентите
– Закон за лекови и медицински помагала
– Закон за прекинување на бременоста
– Закон за земање и пресадување на делови од човечкото тело
заради лекување
– Закон за биомедицинско потпомогнато оплодување
– Закон за генетски модифицирани организми
Во студијата ќе бидат анализирани промените на овие закони во периодот од 1991-2014. При тоа, нашата цел ќе биде да се прикаже што изгубиле односно добиле граѓаните на Република Македонија преку измените на овие закони во овој период од четвртина век „транзиција“.