ЛГБТ работници и синдикати
Состојбата со работничките права и функционирањето на синдикатите во Република Македонија во последните дванаесет години е доведена до најнизок степен од осамостојувањето на државата. Одреден број на синдикати под капата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) беа под директна политичка контрола од страна на владеачкото ВМРО-ДПМНЕ, што комплетно оневозможуваше дури и минимално извршување на функциите на синдикатите. Самите синдикати беа ставени во позиција да бидат молчаливите потврдувачи на штетната политика на претходната власт за правата на работникот. Таа разорувачка политика во периодот на своето владеење не се одрази само на правата на работниците и состојбата на синдикатите, туку и на припадниците на ЛГБТ заедницата кои директно на своја кожа ги почувствуваа последиците од угнетувањето како резултат од политиките на демохристијанските конзервативци. Со отстранување на групата «сексуална ориентација» во Законот за спречување и заштита од дискриминација, припадниците на оваа заедница беа ставени во категорија «други», која го отежнува докажувањето на дискриминација по основ на сексуална ориентација. Сепак, заедничкото помеѓу сите останати граѓани на Македонија кои не се дел од ЛГБТ заедницата и оваа заедница, е тоа што најголемиот број од нив се работници.